„Мојата вештина – Моја иднина“ – работилница за кариерна ориентација.

Денес во нашето училиште беше реализирана работилница на тема „Мојата вештина – Моја иднина“, наменета за учениците од VIII и IX одделение, со фокус на запознавање со различни занаетчиски занимања и можностите за професионален развој.

Работилницата беше реализирана од страна на Анета Атанасовска, родител на ученик од IX б одделение и директор на Занаетчиската комора, која преку своето професионално искуство им ги доближи на учениците занаетчиските професии, потребните вештини и значењето на правилниот избор на занимање за нивната иднина.

Преку интерактивна и непосредна комуникација, учениците имаа можност да се запознаат со различни занаетчиски занимања, да размислуваат за своите интереси, способности и вештини, како и да согледаат дека секоја вештина може да биде важна основа за успешна професионална иднина.

Особено значајно е што оваа активност ги поврза соработката со родителите и кариерната ориентација на учениците, создавајќи можност родителите со своето знаење и професионално искуство директно да придонесат во образовниот и кариерниот развој на учениците.

Работилницата беше реализирана во соработка со класниот раководител на IX б одделение, Александра Мирческа, и училишниот психолог, Марина С. Спасевска.

Со ваквите активности училиштето продолжува да создава можности учениците навремено да се информираат, да ги препознаваат своите потенцијали и одговорно да размислуваат за својата идна професионална насока.

И благодариме на Анета Атанасовска за споделеното знаење, искуство и мотивација, како и за придонесот во развивањето на кариерната свест кај нашите ученици.

Translate »