„Да размислиме поинаку“ – работилница за развивање на критичко размислување

Денес во IX б одделение беше реализирана интерактивна работилница за развивање на критичкото размислување кај учениците, под раководство на класниот раководител Александра Мирческа, со поддршка и во соработка со училишниот психолог Марина С. Спасевска.

Целта на работилницата беше да ги поттикне учениците да размислуваат подлабоко за сопствените постапки, секојдневните навики и појавите околу нив, како и да ги согледуваат работите од различни перспективи.

Учениците анонимно одговараа на три прашања:

„Што би направил поинаку ако имам втора шанса?“
„Што сме прифатиле за нормално без да знаеме колку чини?“
„Што не забележуваме додека не настане проблем?“

Своите размислувања учениците ги запишуваа и ги поставуваа под соодветното прашање. На тој начин се создаде заеднички простор исполнет со различни идеи, ставови и перспективи.

Во завршниот дел од работилницата, учениците ги разгледаа сите анонимни одговори и избираа одговори кои најмногу им се допаднале или ги сметале за најкреативни и најпоттикнувачки за размислување.

Работилницата беше успешно реализирана, а учениците покажаа интерес, креативност и подготвеност отворено да размислуваат за прашања кои немаат секогаш едноставни одговори.

Преку ваквите активности продолжуваме да поттикнуваме критичко, креативно и самостојно размислување, како важни вештини за личниот развој и иднината на нашите ученици.

Translate »