DIGITAL LITERACY SKILLS IN THE 21st CENTURY

Растечката и забрзана примена на новите ИКТ технологии во речиси сите сегменти од општеството, особено дојде до израз во образованието кое треба да ги подготви младите за дигиталната ера – општество кое се темели на технологијата.

Според дефиницијата на УНЕСКО дигиталната писменост е способност да се идентификуваат, разберат, интерпретираат, создаваат и комуницираат компјутерски содржини, како и користење печатени и пишани материјали поврзани со различни контексти.

Дигиталната писменост сѐ повеќе се препознава и признава како централен дел од вештините коишто им се потребни на децата за да бидат успешни во учењето, работата и животот воопшто. Родителите како први едукатори на децата, насочувачи и поттикнувачи на едукацијата и напредокот на своите деца треба точно да знаат што значи децата да бидат дигитално писмени.

Дигитална писменост не значи само техничко знаење за дигиталните техники, процеси и технологии туку таа ги надминува овие знаења и опфаќа поширок опсег на способности. Дигитална писменост се однесува на знаења, вештини и ставови коишто им овозможуваат на децата истовремено да бидат безбедни и да имаат моќ во дигиталниот свет. Сето ова опфаќа и се однесува на: нивната игра, дружење, пребарување и учење преку дигитални технологии. До кој степен треба да биде усвоена дигиталната писменост ќе зависи од возраста на децата, локалната култура и контекстот во кој се разгледува.

Наставниците Александра Мирческа, Соња Апостоловска Трајковска, Биљана Белогаска и Елена Максимовска се дел од интернационалниот тим кој работи на еТвининг проект, токму за дигиталната писменост и вештини на 21 век.

Овој проект има за цел да ги развие учениците во широк спектар области, вклучувајќи секојдневни животни вештини, вештини на 21 век, дигитална писменост, соработка, споделување, емоционално водство и свесност, традиционални детски игри, наука и математика. На овој начин нашите ученици ќе станат понезависни, посамоуверени поединци. Проектот ќе им помогне на учениците да развијат вредни вештини како што се емпатија, толеранција и културна свест и имаат можност да споделуваат различни култури, животни стилови и искуства. Во исто време, ќе ги направи учениците подобро опремени во дигиталниот свет преку зголемување на научната писменост и дигиталните компетенции. Проектот ќе им помогне на учениците да ја развијат својата способност да се справат со предизвиците со кои ќе се соочат во иднина и да ги претвори во поединци кои активно и свесно придонесуваат за подобар свет.