Во текот на месец февруари беа реализирани работилници со учениците од VI, VII, VIII и IX одделение, во соработка со класните раководители и стручната служба. Активностите беа насочени кон подигнување на свеста за насилство, дискриминација, конфликти и безбедно користење на дигиталните технологии, како и кон градење позитивна и инклузивна училишна клима.
Со учениците од VI одделение се обработи темата „Видови на насилство и препознавање на истите“. Учениците подготвија презентации и дискутираа за физичко, психичко (емоционално), вербално, социјално и сајбер-насилство, со акцент на нивно навремено препознавање и заштита.
Со учениците од VII одделение се реализираа работилници за дискриминација и инклузија. VIIа се запознаа со различни форми на дискриминација (по пол, етничка припадност, социјален статус, попреченост, религија и др.) и предлагаа начини за градење инклузивна заедница. VIIб дискутираа за суптилни форми на исклучување, игнорирање и „моќта на зборот“, при што се нагласи важноста на одговорна и почитувачка комуникација. Учениците изработија постери со пораки против дискриминација.
Со учениците од VIIIа одделение се обработуваа теми поврзани со групен притисок, улогата на „популарните“ ученици, одговорноста на сведоците при неправда, како и значењето на соработката. Во VIIIб се работеше на препознавање и решавање конфликти преку дијалог, активно слушање и компромис. Учениците изработија дигитални постери со правила за подобра соработка и намалување на конфликтите.
Со учениците од IX одделение беа реализирани работилници за влијанието на дигиталните технологии врз физичкото и менталното здравје и за безбедно онлајн однесување. IXа дискутираа за последиците од ширење негативни гласини и прекумерна употреба на дигитални уреди, како и за стратегии за заштита. IXб ја обработија темата сајбер-дискриминација и „дигитално молчење“, со акцент на дигитална етика, приватност и одговорно користење на интернетот.
Реализираните работилници придонесоа за развивање на свесност, емпатија, толеранција и одговорност кај учениците, како и за унапредување на меѓусебната комуникација и позитивната училишна клима.





